Изложба во Чифте амам на македонски уметници кои живееле и работеле во Париз меѓу двете светски војни

Националната галерија во соработка со Францускиот институт во Скопје ја најавија изложбата „Париски рефлексии“ на која ќе бидат претставени македонските основоположници кои живееле и работеле во Париз меѓу двете светски војни.

Изложбата се организира во рамките на одбележување на Меѓународниот ден на Франкофонијата, а ќе биде поставена во Чифте амам на 18 март (петок) напладне.

На неа ќе бидат изложени дела од основоположниците на македонската современа уметност: Димитар Пандилов Аврамовски, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски и автори од втората и третата генерација македонски едуцирани уметници во дела се чувствува влијанието на Париз: Томо Владимирски, Борко Лазески и Лена Стефанова.

„Париска школа е назив за сите уметници кои по Првата светска војна и помеѓу двете светски војни престојувале во Париз и оттаму извршиле големо влијание во развојот на модерната уметност. Оваа школа и уметноста на Париз вршат големо влијание врз лицето и развојот на македонскиот модернизам и уметноста од почетокот, па сè до средината на 20-от век, бидејќи македонските современи уметници оделе во Париз на специјализации и студиски престои, со цел да ги усовршат академските поуки стекнати во регионалните Универзитети и Академии за ликовни уметности“, стои во најавата за изложбата.

Во еден селектиран, а концизен концепт и презентација, ќе се претстават најрепрезентативните дела од колекцијата на Националната галерија на Северна Македонија, а воедно и ќе се даде пресек на самиот развој на модернизмот во македонската уметност од почетокот на 20-от век и преодот од фреско-живопис и иконопис, кон уметност на световни мотиви.