Изложба „Улица Љубов“ – многу бои и многу љубов на едно место

Безброј честитки беа упатени кон уметникот Ване Костуранов, кој синоќа во галеријата на Младинскиот Културен Центар (МКЦ) ги изложи своите последни дела насловени „Улица Љубов“.

Костуранов кој со сликарството се занимава уште од раните години вели дека изразувањето преку слики отсекогаш му било полесно отколку со зборови. Изложбата на која може да се видат 24 дела на уметникот ја отвори поетот Никола Маџиров, а делата изнудија многу позитивни реакции кај посетителите.

„Името на изложбата „Улица Љубов“ дојде некако логичо, љубовта е присутна во сите слики на оваа изложба. Таа почна да се гради некаде пред година дена и денеска бори 40 дела“, вели Костуранов.

Она по што се води Костуранов е искреноста. Тој вели дека во текот на сиве овие години творештво се труди да се води преку искреноста, и дека секогаш се труди она што го има во себе да го изнесе на платното, но без форсирање.

Уметникот активно се занимава со сликарство петнаесетина години, има учествувано на повеќе групни изложби, а одржал и 9 самостојни. Делата ќе бидат изложени во МКЦ до 1-ви април.

Моника Кочовска