[Изложба] ТОЧКА НА ТОПЕЊЕ: Уметноста како анти-хегемониска пропаганда

Во понеделник со почеток во 20:30 часот во Скопје ќе биде отворена групната изложба „ТОЧКА НА ТОПЕЊЕ: Уметноста како анти-хегемониска пропаганда“, во организација на иницијативата Кооперација. Локацијата на настанот е бул. „Св. Климент Охридски“, бр. 60А,  а постителите ќе можат да ја погледнат секој ден од 18-22 часот, се до 12 јули.

[Изложба] ТОЧКА НА ТОПЕЊЕ: Уметноста како анти-хегемониска пропаганда

На изложбата со свои дела ќе се претстават Виталиј Комар, ИРВИН, Сантијаго Сиера, Детекст (Раул Мартинез и Валентин Дучеа), Немања Цвијановиќ, Ибро Хасановиќ, Кристина Горовска и Јуре Лаврин, Инес Ефремова, Владимир Лукаш, Никола Узуновски, Филип Јовановски, Ѓорѓе Јовановиќ, Игор Тошевски, ОПА, Владимир Јанчевски.

Изложбата „Точка на топење: Уметноста како анти-хегемониска пропаганда“ ги истражува точките на преклопување на уметноста со пропагандните механизми, обидувајќи се истовремно да даде критички осврткон ефектите што разни општествено-историски ситуации го имаат врз перцепирањето на релацијата уметност и политика. Станува збор за збир од индивидуални рефлексии, критики и реакции на еднонасочните инструментализирачки механизми и централизираните културни политики, преку (зло)употреба на типичните стратегии на доминантните идеологии кои постојано се обидуваат да ги задржат и зацврстат своите позиции, како и улогата на уметноста во нивното омекнување.

Со оваа изложба Кооперација ќе биде домаќин на неколку странски уметници со исклучително плодна и квалитетна продукција од меѓународно значење при што дел од нив за прв пат ќе бидат претставени на домашната публика.

Виталиј Комар е роден 1943 во Москва, а од 1978 година живее и работи во Њујорк. Тој е еден од основачите на Соц-арт движењето и еден од пионерите на т.н. мулти-стилистички постмодернизам. Комар е еден од главните протагонисти на легендарната „Булдожерска изложба“ од 1974 година. Создавал во соработка со неговиот долгогодишен пријател Александар Меламид до 2003 година. Значењето на делата на Комар е потврдено во сите релевантни прегледи на историјата на уметноста по 1960 година. Неговите дела се застапени во голем број значајни музеи во светот (Гугенхајм, Метрополитен, Витни, МоМА во Њујорк, Третјаковската галерија во Москва итн.).

Групата ИРВИН е основана во 1983 година во Љубљана и ја сочинуваат пет уметници од Словенија: Душан Мандиќ, Миран Мохар, Андреј Савски, РоманУранјек и Борут Вогелник. ИРВИН, заедно со Laibach и Gledališče sester Scipion Nasice, е со-основач на организацијата NSK (Neue Slowenische Kunst)и на NSK State in Time. Нивните дела се базираат на концептот за „ретрогардизам“ кој подразбира рециклирање на симболи, слики, филозофски идеи од минатото, особено оние што биле употребувани од државниот апарат со цел да акумулираат моќ и да се одржат на власт. Изложувале на многу места во Европа и САД, и на манифестации како Манифеста, Венециското Биенале итн.

Сантијаго Сиера е еден од најпознатите и најпровокативните шпански уметници. Во своите дела тој често се фокусира на структурите на моќ коиделуваат во нашиот секојдневен живот. Неговите дела често се во тензија во реалација со гледачот, кој е изложен на она што може да се опише како формална и поетска артикулација на гласот на сите оние кои се вообичаеномаргинализирани или обесправени.

Detext е уметнички колектив формиран од Валентин Дучеа и Раул Мартинез.Живеат и работат во Њујорк и во Берлин. Нивните дела биле изложувани во повеќе различни институции и биеналиња во Европа и во САД, вклучувајќи го и Greater New York на MoMA PS 1 и Apexart во Њујорк, St. Etienne биеналето, миланското триенале и International Roaming биеналето во Белград, Лондон и Техеран.

Немања Цвијановиќ е хрватски уметник кој дипломирал на Accademia di Belle Arti di Venezia, а магистрирал на l’Università di Architettura, I.U.A.V. во Венеција. Ги користи речиси сите медиуми и техники на визуелната и изведувачка уметност. Неговиот фокус е преиспитувањето и откривањето на механизмите на производство, манипулација и истрошувањето на значењатаво пост-модерната култура и се базира на критичен став кон идеолошките и естетските вредности на модернистичката култура и општество.

Ибро Хасановиќ е босански уметник кој моментално живее и работи во Приштина. Студирал индустриски дизајн на Сараевската академија и современа уметност и филм во Le Fresnoy – Studio National des Arts Contemporains во Франција. Работи филмови, видео, фотографии и инсталации.