Изложба „Сликарски траги – визуелизација на хаосот“ во галерија „Артерама“

Галеријата „Артерама“ за 4 август (вторник) ја најавува изложбата „Сликарски траги – визуелизација на хаосот“ македонскиот сликар и професор по историја на уметност – Владимир Величковски.

Изложбата е поттикната од моменталната светска корона состојба.

Во овој случај самиот автор знае да каже: „Секој лично го доживува светот и себе си во него. За некого ова време на досега невидена криза предизвикува претумбации во животот, а за други може да биде повод за тивка интроспекција. Го допревме ѕидот, ни се чини дека го срушивме но, се лажеме. Остануваме во својата сензибилизирана Платонова пештера, на луѓе-сенки, на привид“.

Изложбата ќе биде поставена на 4 август и ќе трае само една вечер – од 21 до 22:30 часот.

„Истата може да биде посетена поединечно или најмногу во група од двајца (задолжително со маски). А веќе од понеделник, 5 август, дел од делата може да се погледаат според работното време на Галеријата, односно од понеделник до петок, од 10 – 18 часот“, соопштуваат од галеријата.

Адреса на Галеријата е улица „Аминта трети“ бр. 60, блок 2, локал 5, Скопје.