Изложба „Пукнатини/Трансформации“ на Благојче Наумоски во МКЦ

Уметникот Благојче Наумоски ја најави својата нова самостојна изложба насловена „Пукнатини/Трансформации“, која ќе биде отворена на 18 март (петок) во Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток во 20 часот.

Во неговиот најнов проект се покажува односот на пукнатините на површината во едни геометриски форми, опозицијата на линијата и површината, функционалната синтеза на материјалноста, односот на пиктуралната форма и објектните протезности, соочувањето на изведените илузии на вдлабнување и на испакнување и потенцијално најавените ефекти, разликувањето на контролираниот гест и верификацијата на случајот на перцепција.

„Преку овие дела јас го истражувам  она што се наоѓа под или зад содржината, а тоа се самите пукнатини насекаде околу нас. Тоа за мене претставува предизвик за експериментирање со мешање на техники, деконструирање, трансформирање и др.“, вели Наумоски.

Тој појаснува дека интересот, меѓу другото, е насочен кон создавање на бинарни опозиции: позитив / негатив, полно / празно, вдлабнато / испакнато и ефектите кои се создаваат, инсистирајќи на нејасната граница помеѓу илузијата (на насликаното наспроти дигиталното) и реалноста во рамки на геометризмот.