Изложба „Пролет, лето, есен, зима… и повторно пролет“ во Чифте амам

По повод изминатиот Меѓународен ден на лицата со аутизам, во Чифте амам на 4 април (четврток) од 12 часот ќе биде отворена изложбата „Пролет, лето, есен, зима… и повторно пролет“.

„Согледувајќи ги актуелните проблеми со кои секојдневно се соочуваат децата со аутизам и нивните семејства како и фактот дека нивниот број секојдневно расте, ние како Национална галерија посветено работиме на унапредување на нивната положба, гледаме на нивниот успех како успех за сите нас. Во автентичниот амбиент на Чифте амам беа организирани креативни работилници во кои учествуваа деца од повеќе училишта од Штип и Скопје. Креативноста кај овие деца дадоа многу разновидни решенија, работејќи и поврзувајќи различни материјали од органско и неорганско потекло, а од нив произлезе и оваа изложба“, стои во соопштението на Националната галерија.

Координатор на проектот „Уметност за сите“ е Маја Димитрова.

Изложбата ќе ја отвори покровителот на проектот – амбасадорот на Кралство Холандија, Ваутер Пломп, а во склоп на настанот е најавен и настап на младиот виолинист Филип Волкан.