Изложба посветена на лицата со посебни потреби вечерва во Дом на АРМ

Амбасадата на Шведска, во соработка со Шведскиот институт, вечерва, во 19 часот, ќе ги отвори изложбите „Пристапност“ и „Дизајн за достоинствен живот“ во Дом на АРМ.

„Со отворањето на изложбите, изложбениот простор и концертната сала на Домот на Армијата првпат стануваат пристапни за лицата со посебни потреби, бидејќи вечерва во употреба ќе биде ставена донираната пристапна рампа“, соопштуваат од Амбасадата на Кралството Шведска.

На изложбата „Пристапност“ ќе бидат прикажани фотопортрети на 14 Швеѓани со посебни потреби, снимени од фотографот Маркус Марчетиќ, како и портрети на 11 Македонци од фотографот Томислав Георгиев. Нивните приказни се раскажани од Рикард Лагерберг и од Небојша Илијевски.

Изложбата „Дизајн за достоинствен живот“ содржи 22 иновативни решенија наменети да им го олеснат животот на лицата со посебни потреби и на нивните негуватели. Тие опфаќаат од екстралесни колички и пристапни рампи, преку ИТ-решенија и прилагодени друштвени игри, до специјално дизајнирани пакувања и прибор за јадење.

Изложбите ќе бидат отворени до 16 октомври.