Изложба „Постконцептуални контемплации” на OPA Professional во Њујорк

Во Македонскиот културен центар во Њујорк (MC Gallery), утре (4 јуни) ќе се отвори изложбата „Постконцептуални контемплации” на OPA Professional. На изложбата ќе бидат презентирани цртежи во комбинирана техника (акрил, фломастер, мастило…).

Во циклусот „Постконцептуални контемплации”, OPA Professional со апстрактно ликовен јазик го преточува космогонискиот уметнички порив да се продре во онтолошките нишки на сопствениот микрокосмос. Инвентивноста и интуитивноста на нескротливиот потег е ликовен двигател на композицијата кон една општост доловувајќи го метафизичкиот свет на сликарската интима, каде и колоритот го усложнува откривањето на компонентите на рационално обмисленото и спонтаното. Притоа, во разиграноста на репетитивните патерни се истакнува перманентната можност за нови творечки импулси со интегрираност во изразот и целосна афирмација на цртачката идеја.

OPA Professional со ова себепрезентирање преку асоцијативните форми на уметничките творби „Промискуитетна мома”, „Кисело јаболко”, „Огнена грмушка”, „Перница полна сонови” и др. отвора ново поглавје во современите тенденции на македонската ликовна уметност.

OPA Professional е формирана во 2014 година од ликовните уметници Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски. Двајцата студирале на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и заедно работат повеќе од една деценија. OPA Professional се фокусира на формално-визуелните и естетските ликовни вредности, преиспитувајќи ги состојбите во врска со автономноста на уметничкото дело. Досегашни претставувања на OPA Professional се „Постконцептуални контемплации” – самостојна изложба во Агенцијата за сериозни интереси (SIA) во Скопје; „Schizomechanics” – самостојна изложба во „Хотел Марија Капел” во Хорн, Холандија; „Трансфигурирање”, во Чешкиот центар во Прага, Чешка Република и др. Претставувањето на „Постконцептуални контемплации” во Њујорк е финансиски поддржано од Министерството за култура на Р. Македонија.