Изложба „Помеѓу“ на Игор Тошевски

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 5 септември (понеделник) во 20 часот ќе се отвори изложба на Игор Тошевски со наслов „Помеѓу“.

Проектот  се развива и реализира токму во време кога се редефинираат националните приоритети, време во кое дебатите за улогата на уметноста сè почесто излегуваат на јавна сцена. Тоа е пред сè поради зголемената свесност за потенцијалот на уметноста и за нејзината (зло)употреба и, конечно, неизбежниот заклучок дека уметноста секогаш имала имплицитна или експлицитна политичка димензија.

Овој проект отвoра можност тој да биде разгледуван низ призмата на актуелните прашања кои се појавуваат низ неговата генеза, поконкретно од 2012 година наваму, но и преку навраќање на доминантните постапки и стратегии кои ги користи Тошевски, особено од средината на 1990-тите.

Тошевски (1963, Скопје) дипломирал на отсекот за графика на Академијата за ликовни уметности во Хелсинки, Финска (1988) а магистрирал вајарство (2011) на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Во 1980-тите, учествува во формирањето и работата на неколку уметнички колективи во Македонија, меѓу кои групата Зеро (1985-1990) која одигра значајна улога во појавата и развојот на алтернативната ликовна сцена во Македонија. Како еден е од основачките членови на иницијативата Кооперација (2012-2015), тој активно учествува во конципирањето и реализацијата на бројните настани, меѓу кои групни изложби, колаборативни проекти, симпозиуми, презентации и панел-дискусии одржани во земјата и во странство.