Изложба по повод 25 години од наградата „Андреја Дамјанов“ за архитектура

Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ го вреднува и негува архитектонското творештво, а исклучително ја почитува работата и улогата на оние кои создаваат архитектура.

Изложбата по повод јубилејот 25 добитници на „Андреја Дамјанов“ќе се отвори вечерва (12 мај) во Музејот на град Скопје. Настанот е посветен на 25 архитекти – автори, членови на Архитектонската Академија – АА при ААМ кои ја добиле престижната награда за животно дело од областа на архитектурата и градителските вештини, воспоставена во 1989 година.  Наградата се доделува еднаш годишно на видни архитекти кои со своето дело, опус и авторитет постигнале врвни резултати во полето на архитектонското проектирање, градителство и урбанизам и со тоа придонеле за афирмацијата на архитектурата како во Република Македонија така и во меѓународни рамки.

Изложбата е помогната од Министерство за култура и Музејот на град Скопје, а свеченото отварање е најавено во 20 часот.

„Изложбата е значајна е од две причини како јубилеен и творечки чин. Прво, како јубилејна изложба на која се претставени 25 членови на АА, добитници на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“. Архитекти кои поставувале правилни прашања и давале правилни одговори.

Второ, како визуелно сведоштво за нивното остварено дело и творечка сила. Со своите архитектонски интерпретации на човековата и општествената стварност создале еден висок критериум не само на практично, утилитарно ниво, туку и еден висок степен на уметничко остварување. Секој од лауреатите оставил кај сите нас трага, создал слика, прва асоцијација воведувајќи ја архитектурата во теоријата, праксата, етиката и естетиката. Јасоздале единствената архитектонска вистина – изградениот објект. Преку своитереализации докажале со практичен творечки ум, соработка на науката и уметностакако се создава архитектура со функција, содржина, композиција, форма, па и некој вид човечки идеал.

Тие создале единствено опкружување каде центарот на архитектурата е човекот. Создале архитектура која не е убава претстава, туку е убава стварност. “, се вели во соопштението на ААМ.