Изложба на уметникот Александар Џинго во „Марко Цепенков“

Во ликовната галерија од ЦК„Марко Цепенков“ во Прилеп во петок (31 август) во 20 часот ќе биде отворена изложбата на дела од прилепскиот уметник Александар Џинго.

Џинго досега реализирал самостојни и групни изложби, член е на ДЛУП, има учествувано и на  повеќе ликовни колонии, а сега ќе се претстави со 20-ина дела – колаж.

„Александар Џинго пронаоѓа замислени визуелни композиции и креативни идеи во музиката, костимографијата и графиката како повеќегодишен израз. Воопшто, истражува во празниот простор од каде што дејствува и трансформира, за на крај да обликува свои уметнички сцени. Џинго при создавањето на своите дела пристапува кон детална тематска, техничка и естетска анализа. Оттука произлегува структуралниот пристап кога се говори за неговото творештво.

Неговата интелектуална љубопитност создава препознатлив печат, а тоа е спојот на графичкиот дизајн и ликовната уметност. Авторот се определил за техниката – колаж како процес на екпериментирање, кој нуди неочекувани креативни резултати. Основната ликовна синтагма на овие уметнички дела е интеракција на колоритната хармонија и акустичноста на ликовите. Најнеограничената слобода е чистиот уметнички израз“, стои меѓу другото во најавниот текст за изложбата на Оливера Богатиноска.