Изложба на тројцата последни добитници на наградата за млад ликовен уметник „ДЕНЕС“

Центарот за современи уметности Скопје ја организира изложбата на која со свои дела ќе се претстават тројцата последни добитници на наградата за млад ликовен уметник „ДЕНЕС“.

На настанот ќе бидат претставени инсталациите на Иван ИвановскиФилип Јовановски и Велимир Жерновски.

Ивановски  е добитник на оваа награда во 2014, Јовановски ја доби во 2013, а Велимир Жерновски ја освои во 2012 година.

Изложбата ќе се одржи во вторник (6 октомври), со почеток од 20 часот во НУ Национална галерија на Македонија – Чифте Амам. Куратор на изложбата ќе биде Ивана Васева.

Манифестацијата е финасиски поддржана од Министерство за култура на РМ и Град Скопје.

„Ова заедничко претставување, обединето во изложба, од една страна реферира на принципите на функционирање на македонската ликовна група Денес, основана во 1953 година но и на уметноста денес, која го поттикнува прашањето што и на каков начин се создава во земјава во моментов посебно имајќи ја како позадина целата социо-политичка ситуација а како преден план самиот уметник и неговиот ангажман. Оваа поставка овозоможува простор и за преиспитување на значењето на наградата како и на придобивките кои ги носи преку искуството делувајќи во една интернационална средина како Њујорк“, стои во соопштението.

Покрај изложбата, во среда (7 октомври) ќе се одржи презентација и разговор со наградените уметници за стекнатите искуства по посетата во Њујорк, САД, која ќе започне во 19.00 ч, а наредниот ден пак, ќе има работилница за уметници кои би аплицирале на повикот кој ќе биде објавен од страна на Центарот за современи уметности Скопје за наградата ДЕНЕС 2016 година, од 19 часот. Сите настани ќе се случат во НУ Национална галерија на Македонија – Чифте Амам.