Изложба на театарски и филмски плакати по делата на драматургот Дејан Дуковски

Вечерва (26 декември), со почеток од 20:30 часот, во просториите на Македонскиот народен театар ќе се отвори изложбата на театарски и филмски плакати по делата на драматургот Дејан Дуковски.

Изложени ќе бидат 68 плакати, кои се само дел од над 130 плакати од досега евидентирани 107 театарски претстави и пет долгометражни филмови на Дуковски.

Покрај плакатите од Македонија, во збирката се опфатени и плакати од Франција, Германија, Данска, Финска, Италија, Русија, САД, Полска, Романија, Србија, Словенија, Хрватска, Грција, Бугарија.

Дуковски е истакнат македонски драмски автор. Дипломира драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1990 година. По дипломирањето работи како драматург во Македонската радио-телевизија. Во 1993 година на ФДУ е избран за асистент по предметот филмско и телевизиско сценарио, а од 1996 година е доцент на Катедрата за драматургија. Во неговото литературно творештво се вбројуваат: „Балканот не е мртов“ (1992), „Маме му ебам кој прв почна“ (1996), „Празен град“ (2007), како и сценариото за играниот филм „Буре барут“.

Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 17. јануари 2016 година.