Изложба на студентите на ФЛУ – „Видео уметност и уметност базирана на време“

На 5 и 6 април, во Галеријата ФЛУ во Педагошкиот факултет, ќе се одржи изложбата „Видео уметност и уметност базирана на време“.

Изложбата ќе биде отворена за јавноста во вторник и среда, од 20:00 до 23:00 часот.

Учесници на изложбата се Димитри Балојани, Воскресија Андреевска, Александра Ацеска, Јасмина Трпевска, Наташа Неделкова, Игор Стаменковиќ, Христина Мазневска, Петар Миљковиќ, Игор Таневски, Рада Велеска, Горјан Стојчев, Владан Петрушевиќ и Надица Толевска.

Проектот „Видео уметност и уметност базирана на време“ се фокусира на практиките во современата уметност кои го вклучуваат времето како значаен елемент и/или се документирани (или продуцирани) со видео камера: видео уметност, перформанс, видео перформанс, акција, видео инсталација.

Проектот се реализираше во вид на интерактивна работилница од повеќе сесии во текот на 2015 година, со учество на студенти од Катедрата по сликарство, а под менторство на доц. Слободанка Стевческа. На изложбата ќе бидат презентирани дванаесет дела (видео дела и видео инсталации), кои беа продуцирани од страна на студентите како резултат од знаењата усвоени на сесиите и работилниците. Проектот е финансиски поддржан од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.