Изложба на современ накит вечерва во Мала Станица

Вечерва, во 20 часот во Мала Станица ќе биде отворена изложба на современ накит насловена „Големата мајка божица и змејот“, на авторките Билјана Клекачкоска, македонска дизајнерка на накит која со современ авторски пристап твори во филигранска техника и Тина Кодер Грајзар, словенечка дизајнерка која авторски твори идриска чипка, ги поврзува сличниот пристап и концепт во работата како и сличниот начин на размислување. Како основен медиум и поле на изразување и двете избираат стари занаетчиски техники, органски поврзани со околината.

Тие се инспирираат од местата во кои живеат и творат – големата мајка божица од Скопје и љубљанскиот змеј.

Во презентираната колекција на накит уметниците го истражуваат дуалниот принцип (машко-женски, активно-пасивно, динамично-статично) како на ниво на форма, така и на ниво на материјал. Трагаат по точките на допир, спој од кој ќе произлезе нов производ со оптимална резонанца на двете техники и двата авторски начини на изразување.