Изложба на „Славните портрети на Надар“ во Мала станица

Францускиот институт во Скопје и Националната галерија на Македонија органинзираат изложба со портрети на најзначајниот француски фотограф во 19-тиот век и татко на современата фотографија, Надар. Таа ќе биде отворена во четврток (6 декември), во 20 часот, во Мала Станица.

Гаспар-Феликс Турнашон, познат под псевдонимот НАДАР, е роден во Париз на 6 април 1820 година. Работел како фотограф, карикатурист, новинар и писател.

Бунтовен и храбат, со чисто изразени социјални идеи, бил првиот фотограф кој се спротиставил на општото јавно мислење, развивајќи ги до крај своите лични идеи и вкусови. Неговото име ќе остане запишано во историјата на фотографијата, како првиот човек кој направил фотографија од воздух.

Ги претставува и воведува жанровите аерофотографија и портрет. Сакал да ги фотографира оние кои лично и непосредно ги познава. Архивата на Надар содржи фотографии од речиси сите познати писатели, поети, артисти, актери, музичари и танчери во своето време.

Бил нарекуван и „фотографот на ѕвездите“, своевиден експериментатор и впечатлив артист, чии портрети претставуваат Пантеон на неговото време.

Четириесетина најдобри портрети на францускиот фотограф со светска слава, Феликс Надар (1820-1910) ќе бидат претставени пред македонската публика во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица. Помеѓу портретите е и оној на Сара Бернар, Александар Дима, Клод Дебиси, Шарл Бодлер, Жорж Санд, Жак Офенбах, Емил Зола, Жил Верн и уште десетина големи имиња од крајот на 19 и почетокот на 20 век.

Изложбата е составена од 41 репродукција и ќе биде отворена до 27 јануари 2019 година.