Изложба на скулптури во камен на младиот автор Александар Ефтимовски

Во сабота (21 ноември), во Уметничката галерија „АМАМ” во Гевгелија, со почеток од 19 часот, ќе се отвори изложбата на скулптури “ILLUMINATE” на академскиот скулптор Александар Ефтимовски каде ќе претстави 7 дела во галериски формат изработени од камен.

Посетителите ќе имаат можност да разгледаат скулптури чиј изглед не зависи ниту од материјалот од кој се направени, ниту од нивната форма, туку од нивните сенки. Авторот, користејќи директни извори на светлина, креира игра на светло – темно. На тој начин доаѓа до израз третата димензија која е главна карактеристика на скулптуралната форма покрај материјалот и ликовниот израз.

Александар Ефтимовски е роден во Скопје, Македонија во 1988 година. Дипломира на Академијата за ликовни уметности во Фиренца за скулптура и визуелна уметност. Магистрира на Aкадемијата за ликовни уметности во Карара и се посветува на обработка на камен. Ефтимовски до сега има неколку самостојни изложби во повеќе градови и држава, како Скопје, Љубљана, Минхен и бил дел од многу симпозиуми, како и групни изложби низ светот.

Добитник е на награда на Биенале во Сан Николо, Италија и добитник е на повеќе стипендии, награди и признанија. Денес работи и твори во неговото студио во Скопје.