Изложба на корици на книги

Оваа недела, во книжарницата „Литература.мк“ на ул. Македонија ќе бидат изложени креативните решенија за корици на романи од едицијата „Прошетка низ Европа“, во издание на „Арс Либрис“, дел од Арс Ламина публикации.

Изложените корици се дела на студенти кои учествуваа на конкурсот за дизајн организиран од Арс Ламина публикации, а најдобрите решенија беа наградени и објавени како корици на книгите од едицијата „Прошетка низ Европа“.

Конкурсот беше отворен за студентите од сите факултети и од сите области кои сакаа да се вклучат во изработка на креативни визуелни решенија во областа на издаваштвото. На него се пријавија 28 студенти, кои аплицираа со едно или со повеќе решенија за понудените романи, а пристигнаа 85 оригинални идејно-графички решенија за корици за петте романи од едицијата „Прошетка низ Европа“.

Наградени беа: Катерина Трајановска, Ангела Симоновска, Прокопие Ќаев и Александра Новеска. Нивните решенија се најдоа на кориците на пет книги од оваа едиција, составена од литературни дела од различни европски автори, добитници на Наградата за литература на Европската Унија (European Union Prize for Literature). Издавањето на овие книги беше потпомогнато од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Изложбата ќе биде поставена во „Литература.мк“ до 15 јули, а за тоа време книгите од едицијата ќе бидат достапни по намалени цели, како дел од летната акција на „Литература.мк“.