Цртежите на едни од најпознатите карикатуристи од Србија, Душан Петричиќ и Предраг Кораксиќ – Коракс, викендов беа отстранети само 24 часа по отворање на изложба на нивните дела во библиотека во градот Лазаревац.
Додека управата наведува дека договорот не прецизирал колку долго изложбата треба да биде поставена, авторите и организаторите на изложбата сметаат дека вистинската причина за отстранувањето на карикатурите е страв на директорката.
Од здружението „Нов оптимизам“ кои ја организирале изложбата во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на борбата против фашизмот и антисемитизмот – 9-ти ноември, соопштиле дека локалните власти наредиле отстранување на карикатурите.
„На функционерите на владеачката партија очигледно им засмета тоа што голем број граѓани на Лазаревац во петокот беа собрани во библиотеката за да присуствуваат на отворањето на изложбата и трибината „Која е твојата црвена линија“, на која освен нашите двајца најпознати карикатуристи говореа и писателот Филип Давид и режисерот Горан Марковиќ. За жал изложбата не го дочека првиот следен работен ден“, се наведува во соопштението.
Здружението додава и дека на овој начин всушност се покажало точно она што го зборувале учесниците на дискусијата – „сè поголема фашизација на општеството, злоупотреба на власта и задушување на основните човекови права“.
Кораксиќ – Коракс за весникот Данас вели дека не е изненаден од отстранувањето на изложбата.
„Тоа беше логично и ништо друго не може ни да се очекува. Посетителите на трибината таа вечер во рацете го држеа бројот на весникот на чија насловна страница беше мојата карикатура која ја виде цела Србија и ним очигледно тоа им засметало“, вели Коракс.
Директорката на библиотеката, Јасмина Иванковиќ, негира дека имала политички притисоци да ја отстрани изложбата и дека одлуката била исклучиво нејзина.
„Изложбата која беше пријавена имаше тема фашизам и антисемитизам. Меѓутоа таа се претвори во политички собир на кој, ненајавени, говореа првенци на политички партии. Изложбата е отстранета затоа што времето на нејзиното траење не е однапред одредено. Не е проблем и таа да се врати, но недопустливо е тоа да се доведува во контекст на политички притисоци“, вели Иванковиќ.
Инаку карикатура од Коракс, на која е прикажано како двајца функционери на српската владеачка партија СНС се во скутот на нацистите Хитлер и Гебелс кои им даваат млеко од бебешко шише, во петокот предизвика големи реакции низ Србија. Реагираа и претседателот Александар Вучиќ и министерството за култура, кои ја осудија насловната страница на Данас како непримерна. Во одбрана на карикатуристите застанаа здруженијата на новинарите кои потсетија дека карикатурата е сатиричен новинарски жанр.
Šta vi mislite o svemu? #Corax #karikatura #ListDanas #PodrziDanas pic.twitter.com/S0xkOWMnqc
— Dnevni list Danas (@OnlineDanas) November 10, 2018