Изложба на Ива Станковска на „Cult+Alt+Repeat“ во дворчето на МОФ

Во рамки на „Cult+Alt+Repeat“, во четврток (19 август), во дворчето на Младинскиот образовен форум (МОФ) ќе се одржи изложбата на Ива Станковска.

Ива Станковска е дипломирана сликарка на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Таа е една од најактивните млади сликарки во Скопје. Има изработено стотици и стотици дела за само неколку години (вклучувајќи ги и 300-те дела што ги изработи за време на нејзината 4-та година на факултет). Исто така, има учествувано во голем број групни и самостојни изложби и колаборативни проекти.

„Што и да правам, јас гледам материјали или околности и барам начин да направам некаква уметност… не дека јас земам некој материјал и си викам дека ова мора да стане уметност. Мојот процес не е да земам бело платно оптегнато на блинд-рамка и да земам четки, па да седам и да мислам како тоа ќе го направам во уметност. Нештата што мислам дека треба да бидат изложени се околу мене. Не секогаш се направени со намера. Наоѓам нешто што ми се допаѓа и продолжувам да работам во таа насока. Професорите во средно ни кажуваа дека Пикасо велел дека уметноста ќе те најде на работа. Ќе те најде додека си упорен и продуктивен’“, вели Ива за себе.

Покрај сите непредвидливи ситуации со вирусот, пандемијата, препреките и ограничувањата на секојдневното егзистирање и функционирање – од исклучителна важност е константноста при негувањето на културата и насочувањето на младите луѓе кон конзумација на што е можно поголем број на културни содржини. Поради овие причини, сите се поканети на дружба и воздигнување на културата во дворчето на МОФ.

Културното лето во дворчето на МОФ „Cult+Alt+Repeat“ се стреми кон креирање простор за социјализација, запознавање нови луѓе, слушање квалитетна музика, креирање, творење, забавување, јога, филмски проекции и многу други интересни активности.