Изложба на иновативни и современи дизајни на студентите од Машинскиот факултет во Скопје

Студентите од насоката Индустриски дизајн при Машинскиот факултет на УКИМ, Скопје, организираат изложба под наслов „Дизајнирање на еволуцијата“, на која ќе се претстават со свои одбрани дела креирани во изминатите три години.

Свеченото отворање на изложбата ќе се одржи во четврток со почеток во 19 часот во Галеријата на ФЛУ при Педагошката академија во Скопје.

На изложбата присутните ќе имаат можност да уживаат во најновите дизајни на светилки, мебел, техника, играчки, декоративни предмети и низа други производи изработени од младите дизајнери, со примена на најсовремени дизајнерски методи и алатки, а кои се резултат на нивната посветеност да се задоволат префинетите фантазии, желби и потреби на современиот човек.

На изложбата ќе биде промовирана брошура во која се презентирани 127 од претставените дела, групирани во повеќе области според стилот и намената. Оваа брошура е издадена со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија и Машинскиот факултет во Скопје.