Изложба на илустрации посветени на великанот на македонската култура, Блаже Конески

Факултетот за ликовни уметности во Скопје се приклучува кон чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската култура, Блаже Конески.

Во таа прилика, Факултетот организира изложба на илустрации за јубилејната книга „Блаже Конески – поезија и кратка проза“.

На изложбата учествуваат авторите кои учествуваа на јавниот конкурс за изработка на илустрации: Гоце Илиевски, Владимир Илиевски, Марија Конеска, Филип Велковски, Елена Ѓорѓиевска, Иван Коминовски (кои се претставуваат со три илустрации) и наградената авторка, Илиана Петрушевска, која се претставува со 10 илустрации.

На изложбата се застапени дигитални ликовни решенија, како и традиционални ликовни техники. Преработени се вкупно 22 различни песни, од кои некои се двојно или тројно различно илустрирани.

„Илустрациите на застапените автори, вдахновени од лирскиот тестамент на Конески, меѓусебно се композициски, колористички и стилски различно третирани и интерпретирани; од миметички, преку асоцијативни, експресивни и минималистички, па сѐ до апстрактни. Во овој контекст секоја илустрација поединечно треба да асоцира или да ја рефлектира интеракцијата меѓу песната и сликата, и како што едноставно и моќно пее(ше) Конески, така треба да пеe овoj, а во иднина и некои други илустративни хорови“, вели Конча Пиркоска, историчар на уметност.

Изложбата се одржува според протоколите за заштита од Ковид-19. При влез во галеријата е задолжително носење на заштитна маска и одржување на меѓусебна дистанца.

Конкурсот и изложбата се реализирани со поддршка на Министерството за култура на РСМ.