Изложба на групата МОМИ во галеријата КО-РА

Вечерва(28 февруари) со почеток во 20 часот, во галеријата КО-РА во Домот на културата „Кочо Рацин“-Скопје ќе биде отворена изложбата на групата „МОМИ“.

Со дела во повеќе ликовни техники и инсталации ќе се претстават седум уметници од помладата генерација академски сликари кои веќе активно се присутни на современата ликовна сцена во Македонија и надвор од неа.

„Со употреба на најнеочекувани неконвенционални материјали делата на актерите – учесници во изложбената постановка како самопоникнати и тукусоздадени изненадуваат со својата автентично и звучно изнајдена форма, како експлицитни интерпункти во непосредната комуникација која мигновено ја создаваат со сета сугестибилност која потекнува од секој фрагмент одделно кој воедно комуницира како интерактивен сегмент на целината“, пишува во својот критички осврт за изложбата Виолета Калиќ, историчар на уметност.