Изложба на графичкото студио „Принт Нест“ од Бугарија во „Кула“

Графичкото студио „Принт Нест“ од Софија ќе се претстави со изложба на графики во културниот центар „Кула“. Отворањето на изложбата ќе се одржи во сабота со почеток во 20 часот, а делата ќе можете да се погледнат во текот на целата недела.  На отворањето на изложбата присутните во „Кула“ ќе имаат можност да се дружат со самите автори и основачи на бугарскиот колектив „Принт Нест“.


„Принт Нест“ е графичко студио во кое творат автори од регионот на Бугарија и Македонија. Станува збор за четворица уметници кои заедно со своите пријатели и колеги го покренуваат постоењето на центар за графичко печатење на дела во разни формати и техники. Авторите досега имаат изложувано во Бугарија, Италија, Австрија, Швајцарија и Македонија. Носители се на неколку награди за млади автори од страна на бројни конкурси и биеналиња за графичка уметност.

Овој уметнички колектив го претпочита монохроматското изразување и претендира да го воведе гледачот во една амбивалентна атмосфера. Самите творци го карактеризираат црното како мистериозност, кое со раслојувањето до белите тонови може да прерасне во топло и студено, далечно или блиско.

Со своите прецизно изработени графики целат кон воведување на нов симболен систем кој попрво асоцира на фотографија, отколку графика. Своите свежи идеи ги реализираат во техниките на офорт, акватинт, сува игла и други значајни форми на графичка уметност.