Хелсиншкиот комитет за човекови права во соработка со Шелтер центар „Сигурна куќа“ и платформа за феминизам „Медуза“ на 8 декември од 20 часот организираат изложба на фотографии – „Викторија“, по повод 16 дена активизам против родово базирано насилство.
Изложбата ќе биде поставена во кафе бар „Синдикат“, а следствено и на веб-страната Медуза.мк – нова феминистичка платформа на македонски јазик.
Изложбата се состои од 10 фотографии од жртви на родово базирано насилство, со пропратна приказна напишана од нивна страна. Фотографиите се авторско дело на Христина Христова.
„Дали некогаш сте се прашале како им е на оние девојки и жени кои носат лузни по телото, без да ги осудите и да им ја префрлите вината? Дали некогаш сте слушнале нечија приказна која во себе носи солзи, насилство и извици за помош кои никој не ги слушнал? Не можете ни да замислите што преживуваат жени и девојки околу вас, блиски до вас, или можеби некои од вашето семејство… а вие немате идеја, затоа што едноставно не сакате да погледнете“, стои меѓу другото во најавата за изложбата.
Фотографиите ќе бидат на продажба, па сите заинтересирани контактирајте го организаторот за време на изложбата.