Изложба на фотографии „Помеѓу моментот пред и моментот потоа“ од Евангелија Иваноска

Изложбата на фотографии насловена „Помеѓу моментот пред и моментот потоа“ од Евангелија Иваноска ќе се отвори на 15 јули со почеток во 20 часот во изложбениот салон Империјал 2 во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје.

„Изложбата ‘Помеѓу моментот пред и моментот потоа’ на Евангелија Иваноска е серија на фотографии кои ловат длабоко мисловно искуство во миг кој ни ја буди љубопитноста. Искуството толку интригира што успева целосно да го задржи нашето внимание и го доживуваме со силна посветеност, а најчесто трае само секунди. Моментот пред и моментот потоа остануваат заборавени додека доживуваме“, се вели во соопштението.

Како што пишува таму, фотографиите документираат вистински и обични човечки настани низ око кое го романтизира животот. Тие поетично набљудуваат минливи моменти со широк спектар на емотивни тонови: игриви, замислени, тивки и интимни човечки интеракции. Збирот содржи моменти како: дедо и дете во „борба“ за сладолед, унгарски танчари кои седнале да одморат но се толку сериозни што изгледаат на ликови од некој Вестерн, патници на воз појден накај Барселона, маѓепсани од сјајот на морето…

„Па така, публиката е вовлечена во мисла и емоција“, стои во соопштението.

Фотографиите во склоп на изложбата се создавани во периодот од 2016 до денес.

Евангелија Иваноска е графички дизајнер со интензивна љубов кон фотографијата и сликарството. Таа фотографира од 12-годишна возраст година (2013 година), започнувајќи со интерес во макро фотографија. Нејзиниот досегашен опус најобемно покрива улична фотографија и помал број на портрети, архитектура и природа. Евангелија е член на Фото Сојуз Македонија и Фотогрупа Чкрап! Тетово и изложува фотографии на годишните групни изложби (2022, 2023, 2024) на Чкрап!. Љубовта кон графичкиот дизајн ја влева во промоцијата на клубот, а во 2024 година станува член на организаторскиот тим на Чкрап!.

Нејзините фотографии се објавени во 15 написи на Европската агенција за животна средина (European Environment Agency), а со уличните фотографии учествува во рубриката #НизТвојотОбјектив на РадиоМОФ. Во меѓувреме, Евангелија се посветува на љубовта кон танцот, гурманската храна и дизајн полн со човечност и експресија.

Изложбата ќе биде отворена до 4 август.

#НизТвојотОбјектив – „Помеѓу моментот пред и моментот потоа“ од Евaнгелија Иваноска