Изложба на фотографии од Иван Блажев во Њујорк

Во Македонскиот културен центар во Њујорк,вечерва ќе биде отворена самостојна изложба на фотографии од македонскиот фотограф Иван Блажев.

Посетителите во Македонскиот културен центар ќе имаат можност да се запознаат со неговото творештво од проектите „Македонија сонува“ и „Текстура на животот“, а преку фотографиите да ја погледнат Македонија од поинаква гледна точка.

„Пред фотографиите на Блажев соочени сме со заробени погледи, различни скршени перспективи, кои уште еднаш ја раскажуваат приказната за светот како големо чудо, прекрасно, затоа што тоа може да ни даде можност да бидеме изненадени од тоа. И тоа е најголемата убавина на овие фотографии – која ни дозволува уште еднаш да го изненади нашето разбирање на светот што не опкружува“, пишува во пригодниот текст, писателот Владимир Јанковски.

Блажев дипломирал режија на Бруклинскиот колеџ и е магистер по фотографија на Академијата за уметност во Нови Сад. Зад себе има бројни самостојни изложби во Македонија и надвор од неа, а има и објавено пет фотографски книги. Неговите дела се дистрибуирани од агенцијата Азенбергер.