Изложба на фотографии на Инес Которац „Капки против заборавање“

Со најновата изложба на фотографии на Инес Которац се реинтерпретира историјата на Балканскиот регион, но уште повеќе ја интерпретира сопствената лична историја.

Изложбата ќе се одржи во вторник (30 јуни), во Мобилна/Монтажна галерија, во Паркот на Франконијата, со почеток од 20 часот.

Низ серија на аналогни фотографии Которац го носи посетителот во Босна која ни ги открива своите лица.

„Мнозинството на фотографии кај гледачот провоцираат различни сензации, тага, но многу често и безвременски чуства. Фрагилноста на фокусот додава дименија на временска воздржаност која предизвикува силна експресија. Кога се гледаат тие фотографии се добива чуство на тишина која е тешко да се искрши додека трае естетскиот момент“, стои во најавата за настанот.

Проектот е насловен „Капки против заборавање„ според серија на фотографии снимени во излог на една аптека во Сараево на која се прикажани капки против заборавање наменети за стари лица.

На фотографиите на Которац се гледа процес на реоткривање на идентитетот, тоа е процес на константо исчезнување и доаѓање, припадност и отпишаност, наоѓање и губење и приказна која ни е раскажана преку серија на фотографии.