Традиционалната изложба на фотографии „Мајски салон 2025“ на Фото кино клубот „Козјак“ – Куманово ќе се отвори утре, 27 мај, со почеток во 19:30 часот во Занаетчиски дом во Куманово. На 28 и 29 мај, пак, во Куманово ќе се случи фестивалот на краток филм во организација на „Козјак“ – „Филмај 2025“.
„Публиката ќе има можност да види најразлични фотографии, моменти од реалноста, емоции, многу мигови зграпчени и ставени во рамка. Изложените дела се показател на сериозноста и посветеноста со која и пристапуваме на оваа уметност и претставуваат уште еден доказ за оправданоста на интернационалното реноме кое го има ФКК ‘Козјак’“, велат од клубот за изложбата.
Според нив, фотографија е цртање со светлина и претставува индивидуален начин на интерпретација на реалноста од страна на оној кој е зад објективот.
„Начинот на работа и погледот низ објективот се исти, но секогаш различни. А во корен на се’ е љубовта и посветеноста кон неа“, додаваат оттаму.
Покровители на изложбата се Општина Куманово, Фондација за култура и спорт – Куманово, „К-Нет“ и истата е под патронат на Фото Сојуз на Македонија.