Светскиот ден на науката за мир и развој се одбележа со третата по ред изложба на експонати од млади истражувачи во Народната канцеларија на Претседателот на Република македонија Ѓорге Иванов.
Стотина основци и средношколци имаа можност да се дружат и да разговараат со своите повозрасни колеги од Факултетот за електротехника и информациски технологии.
„Обележувањето на Светскиот ден на науката за мир и развој со изложба на наградени проекти одмлади истражувачи овозможува нивно презентирање пред јавноста и оддавање признание за нивните достигнувања и секако поттикнување на креативноста и иновативниот дух кај младите од најрана возраст“, рече Христина Спасевска, претседател на Народна техника.
Организатори на изложбата се Сојузот на млади истражувачи во Македонија – Наука на младите при Народна техника на Македонија и Факултетот за електротехника и информациски технологии при универзитетот „св. Кирил и Меродиј“ со покровителство од претседателот на државата.
Изложбата ја посетија и претставници од Хрватскиот универзитет за електротехника. Учесниците во изложбата беа од Скопје, Битола, Прилеп, Кавадарци, Неготино, Струмица, Берово, Делчево, Велес и Гостивар.