Изложба на Дороти Пачкова во Прилеп

Во галеријата на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп вечерва (30 април) во 19.30 часот ќе биде отворена изложбата „До кога ли вака шепот без екот?“ од Дороти Пачкова.

Таа ќе се претстави со дела работени во техника акрил, како и „readymade“ инсталација изработена годинава. Ова е прво претставување на Пачкова во Прилеп, а изложбата е продолжение на првата самостојна изложба на Дороти Пачкова која ја проблематизира тематиката за улогата на индивидуалистот- уметник во општеството и нивната взаемна интеракција. Пред се е присутна и авто-референцијалноста и себе преиспитувањето од аспект на рушење на старите и создавање на нови вредносни системи.

Пачкова е родена е 1985 година во Скопје. Во 2004 година матурирала при Државното средно уметничко училиште за применета уметност, „Лазар Личеноски“ – Скопје, каде ги изучува основите на класичното сликарство, ги осознава старите занаети како мозаик, зграфито, витраж, интарзиии, како и фрескопис и иконопис. По завршувањето на средното уметничко училиште се запишува на Факултетот за ликовни уметности, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на отсекот сликарство и графички дизајн.

Дел е од бројни групни изложби, колонии и саеми за уметност и култура. Активно учествува на работилници и конференции за уметност, социјален активизам, екологија и хуманизам.