Утре (24 декември) со почеток од 11:00 часот на Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет ќе се одржи презентација на резултатите од работилницата за Ре/дизајн на производи од здрава и органска храна, која се одржа од 9 до 12 декември на Факултетот.
Работилницата следи по семинарот за дизајн на прехранбени производи одржан на 21 ноември, на кој гостуваше Рената Томерлин, директор на Секторот за развој на амбалажа во компанијата Подравка од Хрватска.
Идејата на овој проект е да се истакне економскиот потенцијал на квалитетно дизајнираните производи од традиционалната и органска храна – важно културно обележје на Македонија.
Вложувањето во амбалажата и дизајнот на производот значи и вложување во квалитетот на крајниот продукт, во насока на создавање препознатлив македонски бренд. Во тој дух, дизајнерите на работилницата создадоа модерни дизајнерски решенија за веќе постоечки домашни производи, внесувајќи дел од традицијата на автентичните рачни изработки, везовите, писмото. Беа разработувани концепти за производи на „Европа“ Скопје, „Велвин“ од Велес, „Иваноски“ од Крушево и други домашни производители.
На работилницата учествуваа десет млади дизајнери и студенти по дизајн: Ариан Алиу, Даниела Коцевска, Сузана Миновска, Дарко Ѓорѓиев, Фросина Миноска, Јована Шишковска, Маја Јаќимовска, Октај Омерагиќ, Татјана Дукоска и Марјан Виторијоски. Ментор на работилницата беше проф. м-р Гордана Вренцоска од Факултетот за арт и дизајн на ЕУРМ.