Изложба на делата на „таткото на оп-артот“ Виктор Вазарели

Изложба на делата на Виктор Вазарели

vasarely1Изложба на делата на „таткото на оп-артот“ Виктор Вазарели Изложба на дела од светски познатиот, унгарско-француски уметник Виктор Вазарели (1906-1997), „таткото на оп-арт правецот во уметноста“, ќе биде отворена вечерва во Галеријата „Остен“ во 20:00 часот во рамки на проектот „Европа во центар“.  Ќе бидат презентирани околу 70 негови дела (цртежи, колажи, дела со комбинирана техника, скулптури и голем број сериграфии).

За време на траењето на изложбата, предвидено е еден ден да се емитува и портретен филм на Виктор Вазарели, од архивата на Унгарската национална телевизија.

„Европа во центар“ се реализира по повод Денот на Европа – 9 Мај со цел да се промовира европската уметност и европскиот културен диверзитет како една од основните придобивки на обединувањето на Европа. Покрај Галеријата, организатори се и делегацијата на Европската унија, амбасадата на Унгарија и Францускиот институт – Скопје.

„Остен“ во својата колекција има 90 дела на Вазарели од колекцијата на Тибор Чепеи, Будимпешта, кој беше носител на наградата „Светско културно наследство“ за колекцијата на Виктор Вазарели во рамките на 37. Светска галерија на цртеж – Скопје 2009 година.

Извор: Утрински весник