Во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје на 27 октомври во 20 часот ќе биде отворена изложбата на дела од работилниците на фестивалот за алтернативна фотографија „Зрно 2025“.
На изложбата има дела на кои учесниците работеа со различни благородни фотографски процеси – цијанотипија, Van Dyke Brown, мокар колодиум, фотограм, лумен принт, напредна црно бела фотографија, фоџо, гумотипија…
„Фотографиите претставуваат спој на експеримент, занает и современ авторски израз – сведоштво за живата енергија на аналогната сцена во регионот“, соопштуваат од КИЦ.
Од таму посочуваат дека мал дел од изложбата е посветен и на оживувањето на оригиналните негативи на браќата Манаки, реализирано во соработка со Државниот архив на Македонија – одделение Битола, како омаж на пионерите на фотографијата на овие простори.
„Посетете ја изложбата и откријте како минатото и современоста се спојуваат преку светлина, хартија и хемија“, велат од КИЦ.



