Изложба на цртежи и песни – „Супа од чиопа“ од Будимка Поповска

Стотина цртежи, меѓу кои и песни под името „Супа од чиопа“  од авторката Будимка Поповска, вечерва, на 28 февруари, ќе бидат изложени во галеријата „Метаноја“.

Изложбата ќе се отвори во 20 часот, а ќе биде достапна за посетителите до крајот на март, годинава.

„Будимка Поповска својата колекцијата од слики и песни ги именувала како „Супа од чиопа“. Супата е толку вкотвена во македонската и општо балканската кулинарска традиција што таа е нераскинлив дел од колективната свест. Сеќавањето на супата која мајките ни ја правеле уште во детството и често било првото готвено јадење што сме го пробале оди со низа меморирани впечатоци кои навлегуваат и во метафизичкото. Се разбира и со непоколебливото уверување дека супата на „мајка ми“ е најдобра. „Супата од чиопа“ има слични (метафизички) својства. Јадењето од неа и затворањето на очите води во космичка метафизика, во мнемоничко созерцување на фосфени“, пишува кон изложбата Коста Милков, од Балкански институт за вера и култура.

Милков дополнува дека секоја слика од изложбата, посебно и колективно, е сведоштво на непобедливоста на човечката способност да се надева и да го даде своето најдобро како жртва и подарок кои и ако не ја постигнат својата цел во сегашниот свет, сигурно ќе бидат вградени во некој иден свет кога празнината пак ќе му се дарува себеси на постоењето.