Изложба на црногорски уметници во Чифте амам

Во Националната галерија на Македонија, објектот Чифте амам, вечерва со почеток од 19:30 часот ќе биде отворена изложба на црногорските уметници Ратко Одаловиќ и Сретен Милатовиќ.

На изложбата Одаловиќ ќе се претстави со колористички цртежи во темнокафеав тоналитет со окер, розови, жолти и сини акценти и површини преку што доаѓаат до израз естетските вредности на авторот и цртачката вештина.

Во делото со наслов „Ноќ 1“, наменски конципирано за просторот во Националната галерија на Македонија во Скопје, Сретен Милатовиќ пак, оди чекор понатаму. Главен елемент се темните гранитни квадранти, но уметникот избира вид што е најблизу до Острошкиот камен по структурата и по бојата.

Ратко Одаловиќ е роден во Граховац, Црна Гора. Дипломира и магистрира во класата на Живоин Турински. Работи како вонреден професор на Факултетот за ликовни уметности во Цетиње.

Сретен Милатовиќ е роден во Никшиќ. Завршил Академија за ликовни уметности, оддел вајарство во Сараево во класата на професорот Алија Кучукалиќ, а магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Цетиње. Од 2009 година работи со звање доцент на Универзитетот во Источно Сараево, АЛУ-Требиње.

Изложбата ќе ја отворат директорката на Националната галерија на Македонија Маја Неделкоска Брзанова и проф. Павле Пејовиќ, директор на Народниот музеј на Црна Гора.