Изложба на астрофотографија „Поглед во недоглед“

Во среда (08.02) со почеток од 20 часот во Музеј на град Скопје, „Скопското астрономско друштво“ ќе ја отвори изложбата на астро-фотографии насловена „Поглед во недоглед“.

На изложбата ќе бидат претставени фотографии од ѕвездени траги, ноќни пејсажи, објекти од Сончевиот систем, бројни маглини и ѕвездени јата, блиски и далечни галаксии. Фотографиите се направени од членовите на друштвото на локации во Македонија и Европа во изминативе три години.

Границата на можности на човечкото око е очигледна при набљудување на ведрото ноќно небо. Сè што може да се види се неколку илјади ѕвезди, тесна магловита структура која се простира од хоризонт до хоризонт, неколку планети, а неретко метеори и сателити. Оние кои знаат каде да погледнат, на доволно темно небо можат да видат и две соседни галаксии. Сепак, овие глетки се доволни за да поттикнат возбуда, љубопитност и желба да се посведочат промените и процесите кои нашите очи не можат да ги видат. Користејки моќни телескопи и дигитални камери, членовите на Скопското астрономско друштво доловија дел од овие глетки, кои со задоволство би сакале да ги споделат со јавноста на престојната изложба.

Изложбата е помогната од Музеј на град Скопје, а влезот е бесплатен.