Изложба „Музеј на женски приказни“ во Прилеп

Изложбата „Музеј на женски приказни“ проследена со разговор ќе биде отворена во Прилеп, во ликовниот салон на Центарот за култура „Марко Цепенков“, утре (1 октомври) во 19:00 часот.

Музеј на женски приказни е дел од проектот кој произлезе од идејата да се истражи, согледа и (ре)афирмира улогата на жената во општествено-политичкиот, социјалниот и семејниот контекст преку исчитување на културните значења, симболи, асоцијации, задскриени зад историските факти, од првата половина на 20-тиот век во Битола, Прилеп и Крушево со околијата на Пелагонискиот регион.

Ко-авторки на програмата на Музеј на женски приказни се Искра Гешоска, Христина Иваноска, Виолета Качакова и Биљана Тануровска-Ќулавковски.

По претставувањето во Битола, изложбата „Музеј на женски приказни“ продолжува во Прилеп. Во 20:00 часот ќе биде организиран разговор поврзан со темата на проектот на која ќе говорат Љупчо Печијарески, Рубин Белчески и ко-авторките на проектот.

Проектот „Културата во улога на територијален развој и социјална кохезија“ започна во 2014. Проектот е програмски развиен и имплементиран од Локомотива, Скопје во соработка со областа на заливот Мон Сен Мишел од регионот Долна Нормандија, Франција.

Целта на Музејот на женски приказни е да се откријат и деконструираат преку сублимни, социо-културни референтни напомени, историските факти позади кои постојат конкретни општествени односи и динамика, како и идеолошки и дискурзивен апаратус, и нивното учество и влијание во создавањето на културните значења и еманципацијата на жената од минатото до денес.

Со цел да се добијат релеватни информации и материјали за темата која се обработува, тимот на проектот во 2014/2015 година реалзираше истражување, кое се артикулира преку аудио-визуелна изложба, проследена со разговори и публикација.
Изложбата во Прилеп се организира во партнерство помеѓу Локомотива, Скопје и НУ ЦК Марко Цепенков.

Изложбата во НУ ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена до 13 октомври, по што ќе следи нејзино претставување во Историскиот музеј во Крушево, од 15 октомври.