Изложба „Музеј на женски приказни“ во Битола, Прилеп и во Крушево

Изложба „Музеј на женски приказни“ проследена со разговори ќе биде отворена деновиве во градовите Битола, Прилеп и Крушево во организација на Локомотива – центар за нови инцијативи во уметноста и културата. Изложбата е дел од проектот „Културата во улога на територијален развој и социјална кохезија” реализиран во рамки на програмата за Децентрализирана соработка помеѓу регионот Долна Нормандија (Франција) и Македонија.

Ко-авторки на „Музеј на женски приказни“ се Искра Гешоска, Христина Иваноска, Виолета Качакова и Биљана Тануровска-Ќулавковски.

Целта на „Музеј на женски приказни“ е да се откријат и деконструираат преку сублимни, социо-културни референтни напомени, историските факти позади кои постојат конкретни општествени односи и динамика, како и идеолошки и дискурзивен апаратус, и нивното учество и влијание во создавањето на културните значења и еманципацијата на жената од минатото до денес.

Со цел да се добијат релеватни информации и материјали за темата која се обработува, во 2014/2015 година се реализираше истражување кое ко-авторките го артикулираа во аудио-визуелна изложба, проследена со разговори и публикација. Изложбата и разговорите ќе се реализираат во Битола, Прилеп и Крушево во периодот од 15 септември до 30 октомври 2015 година, а публикацијата ќе биде објавена во 2016 година.

Изложбата во Битола ќе биде во НУ Заводи и музеј од 15 до 29 септември, ќе биде отворена во 19 часот, а од 20 часот ќе има разговор со Александар Литовски, Ѓорги Пулевски и ко-авторките на проектот. Во Прилеп во НУ ЦК Марко Цепенков отворање во 19 часот, а од 20 часот и разговор со Љупчо Печијарески, Рубин Белчески и ко-авторките на проектот. Изложбата во Прилеп ќе трае од 01 до 13 октомври, Во Крушево во НУ Историски музеј – Уметничка галерија „Никола Мартиноски“ од 15 до 30 октомври. Изложбата ќе се отвори во 12 часот, а од 13 ќе има разговор со Зоран Богески, Даница Јанакиевска, Ѓорги Пулевски и ко-авторките на проектот.

Партнери во реализација на изложбата се НУ Заводи и музеј Битола, НУ ЦК Марко Цепенков Прилеп и НУ Историски музеј Крушево.