Изложба „Магичен круг“ во галеријата „Безистен“ во Штип

ИзложбаВо Уметничката галерија „Безистен“ во Штип, утре (23 декември) ќе биде отворена самостојната изложба на Маја Анастасова Хрис, на која ќе бидат претставени 50 дела од најновиот творечки циклус на авторката, насловен „Магичен круг“.

-Секој кружен облик е потенцијален магичен симбол, а магиската примена на кругот е позната уште одамна. Кругот е асоцијација за целосност, севкупност, совршенство, непроменливост, без почеток и крај. Кругот го симболизира космичкото небо. Темата на магичниот круг во истоимената изложба, Маја ја интерпретира преку застапеноста на формата на кругот како композициски елемент, со унифицирани формати на делата. Тргнувајќи од моќта и совршеноста на овој симбол како почетен елемент, делата од оваа изложба се изградени во креативен сплет од нежни приказни на граница меѓу сонот и јавето.

Во магичните кругови на Маја се отсликани необични светови во кои се претставени контемплативни женски фигури и актови. Претставена е жената во моменти на размислување и спокојство, во амбиент кој некогаш се наоѓа надвор, а некогаш внатре. Во дел од овие претстави се насетува присуството на градот Амстердам со неговата специфична архитектура, додека во други се наѕираат делови од пејзажи, балкони, крајбрежја… Честопати се појавуваат и птиците кои летаат, како симбол за слободата, светоста и духовниот живот, вели за делата од изложбата Зоран Читкушев, директор на Н.У. Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип.

DSC_2261

Нејзите дела се комбинацијата на различните техники употребени на хартија – акварел, пастел, молив, молив во боја, акрилик и монотипија.

Маја Анастасова Хрис е родена 1983 година. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2006 година, а во 2009 година завршила постдипломски студии на истиот Факултет, на графичкиот оддел. Учествувала на неколку ликовни колонии и на бројни интернационални групни изложби. Ова е нејзина осма самостојна изложба. Живее и работи во Амстердам, Холандија.

Отворањето на изложбата е најавено во 19 часот.