Изложба Лично/нелично на Зорица Зафировска

Агенција за сериозни интереси (SIA) ја најавува изложбата Лично/нелично на Зорица Зафировска, која ќе биде отворена од 11 до 14 ноември.

 

„Оперирајќи во доменот на естетското искуство, Зафировска го изнесува на виделина конститутивното и парадоксално испреплетување на политиката и уметноста.

„Во ова дело се одигрува суспензија на секојдневните форми на сензорно искуство, на она што сме навикната и што е санкционирано во рамки на полицискиот хетеропатријархален режим на дистрибуција на сензибилното како ограничување кое регулира што може да биде видено, слушнато, почувствувано и препознаено како легитимен дел од заедничкото и споделениот социјален простор. Зафировска го преврамува она што го сметаме за недвосмислено реално, и ја предизвикува сензорната самоевидентност на постојниот поредок, тргајќи го велот на патријархалното насилство кои сеуште го организира и дефинира нашето искуство и социјално постоење“, пишува Славчо Димитров  за изложбата.

 

Зафировска на прецизен, минимален, суптилен и внимателен начин покажува дека знае многу добро кои се прикриените и ефективни стратегии на операцијата на моќта.

„Таа не ја лоцира моќта во “монархискиот“ принцип на центрираниот извор, како на пример во државата. Моќта оперира низ дифузна мрежа на релации вкотвени во најбаналните ќошиња на секојдневието, и затоа прекинот и судирот што го перформира Зафировска во ова свое дело се позиционира токму во диплите на моќта распослани во еден цел начин на живот (означен со малото тефтерче) наместо единствено во традиционалните институции на државата и моќта“, додава Димитров.

Изложбата ќе биде отворена во периодот од 10 до 17 часот, со претходно јавување на 075/410 – 130, во
Агенција за сериозни интереси (SIA).