Изложба „Културното богатство во марките на Македонска пошта“ по повод Светскиот ден на поштата

Од денес во Музејот на С. Македонија, поставена е изложбата „Културното богатство во марките на Македонска пошта“ во чест на Светскиот ден на поштата. Со изложбата ќе се одбележи формирањето на Светската унија на поштите на 9 октомври 1874 година.

На изложбата ќе бидат презентирани стотина марки издадени од Македонска пошта, кои ги овековечуваат резбите во манастирот Свети Јован Бигорски, црквата Свети Спас, полошкиот иконостасен крст, иконите и фреските од Македонија, како и претставите на верските објекти од христијанската и исламската архитектура и уметност.

„Живееме во време на брзи технологии, во коишто интернетот го зема приматот во комуникацијата помеѓу луѓето. Сѐ помалку се пишуваат писма и се испраќаат поштенски разгледници. Запознавањето со изданијата на марките нека биде повод да се пробуди желбата за пишување на писма и испраќањето на картички, а можеби изложбата ќе потикне некои млади луѓе да станат филателисти, со што и марките би имале своја иднина“, велат од Поштата.

Оттаму додаваат дека значаен дел од програмската определба на Поштата е да се печатат марки поврзани со културното богатство, со што може да се проследи односот наинституцијата со домашните богатства.

„Преку запознавањето со марките со тема од националниот трезор на културно богатство, се верифкува неговата вредност, а во исто време, граѓаните стануваат свесни за неговото значење и уште повеќе ќе го ценат и чуваат. Преведено со музејски речник, тоа преставува превентивна заштита. За жал, малку луѓе се запознаени со изданијата на Македонска пошта, така што ваквата изложба дава можност за нивна поширока промоција. Марките се најдобрите амбасадори на нашето културно богатство, бидејќи патуваат низ времето и просторот“, нагласуваат од Поштата.