Изложба и публикација за урбаните артефакти на словенечките архитекти во Скопје

Изложбата „Навраќање кон три урбани артефакти на словенечките архитекти во Скопје“ свечено ќе биде отворена вечерва во МОБ, со почеток во 20 часот.

Изложбата одново ги согледува делата на трите словенечки автори/бироа, чии градби во Скопје станаа клучни обележја дефинирајќи го „градови во градот“. Се работи за градбите: Македонската опера и балет како дел на Културниот Центар на Биро 71 (изградена 1972-’81), Универзитетскиот центар „Свети Кирил и Методиј“ на Марко Мушич (изграден 1970-’74) и Природно-математичкиот факултет на Едвард Равникар (изграден 1949-’51).

На отварањето, ќе биде промовирана и книгата „Херои за еден ден – Навраќање кон три урбани артефакти на словенечките архитекти во Скопје“.

Иницијатори и креативни директори на изложбата и на публикацијата се архитектот Даниел Серафимовски и уметницата Нада Прља, основачи на независната културна агенција и галерија „SIA“ од Скопје.

Изложбата и публикацијата сe овозможени од амбасадата на Република Словенија во Скопје. Изложбата е дел од прославата на словенечкиот национален ден и на 25-те години независност на Република Словенија и се одржува во рамки на програмата на Скопско лето 2016. Изложбата за делата на словенечката архитектра во Скопје ќе биде отворена до 14 јули.