Изложба и дискусија за пристап до услуги за социјална заштита и социјални разлики во МКЦ

Реактор – Истражување во акција, Центарот за етика, право и применета филозофија од Србија и Центарот за развој на заедници од Косово организираат изложба, чие официјално отворање ќе се одржи на 2 ноември со почеток во 12 часот во фоајето на МКЦ на втори спрат.

„Out of Sight: Poverty, Rurality, Gender” е тематскиот наслов на изложбата. Користејќи ја фотографијата како начин на изразување чувства и мислења, преку интерсекција на сиромаштијата, изолацијата и родот, девојките и жените од руралните области во Србија и Косово дополнително придонесоа кон научното истражување, преку давање на лична перспектива на темата вклученост на маргинализираните лица и тешкотиите со кои се соочуваат во нивниот секојдневен живот.

Фотографиите се направени ширум домаќинствата во Србија и Косово го пренесуваат гласот на овие ранливи групи, дополнително говорејќи за немоќта, проблемите и бариерите со кои се соочуваат овие луѓе, нивната глад за подобар живот, повреденост и изолација, недоверба во светот кој го живеат, несигурноста во себе и во другите.

Покрај изложбата, на отворање ќе се одржи и панел дискусија на темата пристап до услуги за социјална заштита и социјални разлики кај маргинализираните категории во Македонија, на кое што свое излагање ќе имаат:

• Билјана Дуковска-Македонска платформа против сиромаштијата
• Марија Савовска-Акција Здруженска
• Климентина Илијевски-Паблик

За време на дискусијата ќе бидат соопштени наодите од истражувањето на темата „Систем за социјална заштита и социјални разлики”. Главната цел на ова истражување е да ги идентификува бариерите со кои се соочуваат луѓето од руралните средини при пристап до социјални услуги, со посебен фокус на жените како ранлива категорија.

За сите заинтересирани, изложбата ќе биде отворена од 2 до 9 ноември од 10 до 20 часот.