Изложба „Фемина 8-II“ во КИЦ

Вечерва во просториите на Културно информативниот центар -КИЦ, Салон 1, со почеток во 21:00 часот ќе биде отворена изложбата „Фемина 8-II“, во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) и манифестацијата „Скопско лето“…

На изложбата со свои уметнички записи ќе се претстават авторите: Мијалковиќ, Беди, Фидановски, Наумовски, Велковиќ, Менков, Рамичевиќ и Санев. Покрај домашните, на „Фемина 8-II“ ќе бидат презентирани делата на Нинковиќ, Цветковиќ и Пулаи, автори-гости од Република Србија.

Преку современиот, концептуален пристап, „Фемина 8/II“ во најширока смисла го истакнува значењето на мотивот фемина. Инспирирани од мотивот жена, единаесет автори ќе го покажат својот процес на креација, преку нови семантички слоеви, при што нивниот фемина ликовен потпис може да се опише како творештво на личен имагинарно-креативен трансфер или лична симболизација.

– Авторите низ повеќекратни семантички слоеви и мотиви постигнуваат концептуални и семантички набои во крајно успешни ликовни реинтрепретации и реактуализации vis-à-vis родовата (не) еднаквост. Сериите слики од „Фемина 8/II“ имаат свој почеток и крај, но тоа самото по себе нема важност затоа што мотивот ФЕМИНА стекнува значење не преку неговата поврзаност со темата туку преку друг процес на групна работа на еден мотив, во која почетниот творечки импулс ја потенцира виталноста и „силината“ на делата со забележлива експресија и ликовен идентитет. „Фемина 8“ е вистинско освежување за ДЛУМ каде се претставуваат моменталните и активни творештва на самите членови. Искрено се надевам дека и во иднина „Фемина 8“ ќе се развива и ќе придонесе за презентирање на современата македонска ликовна сцена во Македонија и надвор од неа, вели кураторот на изложбата Јана Манева – Чупоска.