Изложба „Експериментален цртеж 2014“ во Домот на АРМ

Во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, во галерискиот простор при Домот на Армијата,  во  вторник (14 октомври) во 20 часот ќе се отвори изложбата „Експериментален Цртеж 2014“. На изложбата ќе се претстават ликовни автори, членови на Друштвото од цела Македонија.

Покана_Експериментален цртеж

-Изложбениот концепт на проектот „Експериментален цртеж“ претендира да го разработи процесот на револуционерното отстапување од институционалната вредност на цртежот и неговото ограничување на хартијата како фундаментален поддржувачки материјал, со цел да ја предизвика веќе прифатената дефиниција за негова презентација како едноставно дело на хартија. Селектираните дела ги трасираат основните на современиот цртеж почнувајќи од развој на линијата на пикторијален план, до неговите дигитални модификации, појаснуваат од Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Во оваа селекција ќе бидат прикажани цртежи кои можат да бидат дефинирани и како ко-продукт на други видови на креативни процеси, ставајќи го акцентот на неговата интердисциплинирана, когнитивна, перформативна или комуникативна функција.

Изложбата која е поддржана од Град Скопје во галерискиот простор при Домот на Армијата ќе трае две недели.