Изложба „Деноноќија“ на Адријана Ананиева

Во понеделник (16.03) во Концепт 37 ќе биде поставена изложбата „Деноноќија“ на која ќе бидат изложени околу педесетина рачно изработени дела од Адријана Ананиева во техника хартија и конец, везена изработка, работена во период од околу една година. Нови, свежи дела со свој шарм.

„Вистинско освежување е да се погледне уметничка изложба, којашто е ефектна на префинет и едноставен начин – особено кога се работи за техника која што претставува едно не така општо застапено, интимно откритие на авторот. Нежните фрактални везови пленат со едно суптилно внатрешно движење кое што се чини е содржано во секој жив атом на природата, а тенките конци убаво го отсликуваат тој баланс на форми и бои“, вели Јана Колева во најавата за настанот.

Според Тони Димитров, делата на Адријана Ананиева се невообичаени.

„Работени се во несвојствена техника која би била по својствена за сфаќањето на старогрчкото tehne, умешноста, занаетот, отколку за она што денес го нарекуваме уметност или fine art. Но овие дела сепак зрачат со својата нежност здобиена од рацете, иглата и умешноста на Адријана. Еманираат со мир кој извира од сета нивна комплексност“, додава Димитров.