Изложба „Цртеж – експериментален цртеж“ во „Арт хаб“

Друштвото на ликовни уметници на Македонија ќе ја постави изложбата „Цртеж – експериментален цртеж“ во Уметничкиот Центар „Арт хаб“( ГТЦ 2 кат локал 306), во Скопје. Изложбата која е традиционална и е дел од Годишната програма на ДЛУМ ќе биде отворена во среда и ќе трае од 5-15 август.

Селекцијата на дела ја направија членовите на Уметничкиот Совет на ДЛУМ, а осврт за изложбата даде претседателката на Уметнички совет, Дијана Томиќ Радевска.

„Цртежот е стар начин на изразување колку и самиот човечки род. Првата повлечена црта беше знак за нов израз на преживеаните слики, беше крик. Понатаму низ историјата на уметноста се развиваше како самостоен израз кој нудеше нови перспективи, нови сознанија. Убавината на една линеарна композиција, естетската едноставноста, но и комплексноста на линиите, на површините и јасното владеење на перспективите ја прави возбудлива техника со богати можности – цртеж“, вели претседателката.

Оваа годишна изложба на ДЛУМ има цел да ги зачува вредностите на оваа класична техника, провоцирајќи насоки кон експериментирање и иновативност, охрабрувајќи ги уметниците да ги исцртаат своите актуелни записи.  Селектирани се исклучително интересни решенија, запазувајќи ги аспектите на аналитичен цртеж или пак поедноставен цртеж во линија, низ третман на класична цртачка техника или пак комбинација на цртеж-плоха, цртеж-текст, слоевитост во цртежот или пак инвентивност низ цртачка структура.

Во време на колективна депримираност, од ДЛУМ велат дека нивна задача е да ја одржуваат сцената активна. Затоа, додаваат, иако можеби апстинираат од учество многу значајни имиња од македонската ликовна сцена, (дел поради комплексната ситуација со Ковид 19), се појавуваат нови имиња (нови членови), полни со ентузијазам.

На изложбата учествуваат: Ана Спасова, Ана Трајковска, Ангелца Стоиљковиќ, Валентина Стевановска, Ѓорѓи Динев, Дејан Иванов Маргуш, Дијана Томиќ Радевска, Жани Гелевска Вељановска, Златко Глигоров, Ива Станковска, Јовица Мијалковиќ, Марија Мицова Гацова, Марија Светиева, Марјана Костојчиноска Узунчева, Нарциса Андреевска, Наташа Андонова, Пандора Апостолоска Саздовска, Сашо Саздовски, Стефан Димовски, Стефан Младеновски, Тања Таневска,Филип Фидановски.

На изложбата се доделува една награда од ДЛУМ за најдобар цртеж. Изложбата поединечно или најмногу во група од двајца ќе може да се посети според работното време на Галеријата односно од понеделник до сабота од 11 – 15 часот. Таа се отвора под покровителство на Министерството за култура и град Скопје, во рамките на манифестацијата Скопско културно лето.