Изложба: Билјана платно шараше

Во екот на предновогодишната еуфорија, Арт клубот – Скопје на Младински образовен форум поканува на изложбата „Билјана платно шараше“ чија цел е да израдува некој на кој оваа зима тоа му е навистина потребно.

Изложбата ќе се одржи на 29 декември (понеделник) во Ателје Ателје во Старата скопска чаршија (спроти кафулето Дамар) и е од хуманитарен карактер. На изложбата, младите „артивисти“ ќе ги покажат своите дела кои ги работеа во изминатите два месеци на „Street (sm)Arts“ работилниците организирани од Арт клубот – Скопје. Посетителите ќе имаат можност преку тивка лицитација да купат платно или платнена торбичка со цитати и илустрации на членовите на клубот.

„Средствата кои ќе се соберат ќе бидат донирани во хуманитарни цели. Затоа, ве покануваме во понеделник во 19 часот да ни се приклучите во акцијата да собереме повеќе средства за сите заедно да израдуваме личност која е инспирација за секој млад човек“, се вели во поканата на настанот.

19:00 – Отворање на изложбата
19:15 – 20:30 – Време за разгледување, лицитација, дружење
20:30 – 21:00 – Подигнување на делата