Изложба „Автопортрет во самоизолација“

На 22 јули со почеток во 20 часот во  клубот „Нагоре“ во Струмица ќе се одржи изложбата „Автопортрет во самоизолација“ организирана од здружение на култура „Транзен“.

На изложбата ќе учествуваат уметниците Тони Попов, Ване Костуранов, Ѓорге Јовановиќ, Владимир Илиевски, Гоце Илиевски, Љупка Галазка Василев, Вангел Срнаков, Ниче Василев, Славица Милева, Геновева Качуркова, Никола Пијанманов, Ивана Настеска, Верица Арапова, Стефан Младеновски, Ѓорги Динев, Илија Маџаров и Калина Брајковска.

“Ликовната тема автопортрет, себеистражување, себеоткривање, себенабљудување и созерцание не е она кое денеска го познаваме како феноменот „селфи“ (Selfie), техника на брза и по кратка постапка презентација на површното „Јас“ или себеси пред публиката. Затоа што, ако нема каде да биде веднаш прикажано, Селфи нема ни да постои, тоа е органски врзано повеќе за гледачите отколку за субјектот. Но, историјата на уметноста го памети автопортретот како врвен дострел на себеспознанието, кога уметникот преку себе ќе ја опише цела епоха, преку најличното – општото. Тоа е едно друго, длабоко „Јас“. Јас кое продира во најдлабоките предели на неистражената човечка душа. Најголемите сликари низ времињата го изразија својот став, крик, повик, пророштво, повик и сведоштво преку автопортрет. Автопортретот како дисциплина го покажува пред се внатрешниот свет на уметникот, тој е интимен дневник на сликарот, сведоштво на себеси пред сегашноста, иднината, но и Вечноста“, се вели во каталогот за изложбата.

И на оваа изложба како и на претходните од проектот „Несовршен простор“ ќе биде доделена наградата Златен лист во чест на мајсторот на ликовната уметност Владимир Георгиевски, со откуп на едно дело.

Изложбата ќе трае еден месец од поставувањето.